1 Chronicles 17
1 Кога Давид живееше во својот дом, му рече на пророкот Натан „Еве, јас живеам во кедров дом, а ковчегот на заветот Господов е под шатор.“
2 А Натан му одговори на Давид: „Прави сѐ што ти е на срце, зашто Господ е со тебе.“
3 Но во истата ноќ му дојде словото Божјо на Натан:
4 „Оди и кажи му на слугата Мој Давид: вака вели Господ: Ти нема да ми изградиш дом, каде што ќе живеам,
5 зашто Јас не сум живеел во дом од денот кога ги изведов синовите Израелови, и до денес, а одев од шатор во шатор и од живеалиште во живеалиште.
6 Каде и да одев со сиот Израел, му реков ли, макар и збор, на некого од судиите израелски, на кои им бев заповедал да му бидат пастири на Мојот народ: ‚зошто не ми изградите кедров дом?‘
7 И сега вака кажи му на Мојот слуга Давид: вака вели Господ Саваот: Те зедов од овчото стадо, за да те направам водач на Мојот народ Израел;
8 бев со тебе секогаш, каде и да одеше, ги поразив сите твои непријатели пред лицето твое и го направив името твое како името на великаните по земјата;
9 подготвив место за Мојот народ Израел, го зацврстив, и тој ќе живее спокојно на своето место, и нема повеќе да го вознемируваат, нечестивите нема повеќе да го притискаат, како порано,
10 во она време кога Јас бев поставил судии над Мојот народ Израел, и Јас ги бев покорил сите твои непријатели, и те известив дека Господ ќе ти изгради дом.
11 Кога ќе се исполнат твоите дни, и ти ќе се прибереш кај татковците свои, тогаш ќе го подигнам твоето семе по тебе, што ќе биде од синовите твои, и ќе го зацврстам царството негово.
12 Тој ќе Ми изгради дом, и ќе го утврдам престолот негов засекогаш.
13 Јас ќе му бидам Татко, и тој ќе Ми биде син, и милоста Своја нема да ја кренам од него, како што ја кренав од оној што беше пред тебе.
14 Ќе го утврдам во Мојот дом и во Моето царство засекогаш, престолот негов ќе биде вечно цврст.“
15 Сите тие зборови и целото видение Натан точно му ги раскажа на Давид.
16 Тогаш царот Давид дојде, застана пред лицето Господово и рече: „Кој сум јас, Господи Боже, и што е мојот дом, та толку ме подигна?
17 Но и тоа се покажа малку во Твоите очи, Боже; Ти навестуваш за домот на Твојот слуга далечна иднина и гледаш на мене како на голем човек, Господи Боже!
18 Што уште може да каже пред Тебе Давид, за славата на Твојот слуга? Ти го знаеш Својот слуга!
19 Господи, за Твојот слуга, според срцето Свое, Ти ги правиш сите тие големи дела, објавувајќи го сето ова величие.
20 Господи, по сѐ она што сме го чуле со ушите свои, сличен на Тебе нема и нема Бог освен Тебе!
21 И кој е сличен на Твојот народ Израел, единствен народ на земјата, кај кој доаѓал Бог, да го откупи за свој народ, за да се здобие со име на големи и страшни дела — преку прогонување на народите пред Твојот народ, кој го спаси од Египет, Ти.
22 Ти го направи Твојот народ Израел Свој сопствен народ засекогаш и Ти, Господи, стана негов Бог.
23 И така, сега, о Господи, утврди го засекогаш словото, што си му го кажал на Твојот слуга и за неговиот дом, и направи, според она како што си кажал.
24 Нека се зацврсти и нека се возвеличи Твоето име засекогаш, за да велат: ‚Господ Саваот, Бог Израелов, е Бог на Израел‘ и домот на Твојот слуга Давид да биде цврст пред Твоето лице.
25 Зашто Ти, Боже мој, му јави на Твојот слуга дека ќе му изградиш дом, та затоа и Твојот слуга се осмели да се моли пред Тебе.
26 И сега, Господи, Ти си Бог, и Ти го вети за Твојот слуга тоа добро.
27 Затоа, според Твојата благонаклоност, благослови го домот на Твојот слуга, за да биде вечен пред Твоето лице; зашто, ако Ти, Господи, го благословиш, ќе биде благословен засекогаш.“